
Ориент Њуз објави ексклузивни снимки од „логорите во македонскиот главен град Скопје“ (се мисли на Центарот за азиланти), за кој се вели дека е „дом на стотици раселени Сиријци кои таму се задржуваат долги периоди и се подложени на понижувања од највисок степен секој ден“.
![]() |
Слики од Центарот за азиланти во Скопје. Фото: Ориент Њуз, видео скриншот |
ОВА НЕ Е ПРВ ПАТ СТРАНСКИТЕ МЕИДУМИ да известуваат на крајно критичен начин за состојбите во скопскиот Центар за азиланти.
Пред неполни два години Бенедикт Колериџ од Језуитскиот избеглички сервис за Европа го посети Центарот за азиланти, при што во репортажата оттаму напиша (оригинал на англиски овде) дека во него владее „затворска и тмурна атмосфера, дополнета со смрдеа и ѓубре на сите страни“ и истакна:
„Имиграциските притворски објекти во Скопје секогаш се полни со новопристигнати мигранти без документи – од Сирија, Пакистан, Авганистан и Нигерија. Во затворскиот и приемен центар мажи спијат на под насред тенџериња што се користат за готвење, а воздухот носи тешка смрдеа. Губре ги полни ходниците, мали деца се ставени во исти простории со сите други и живеат во соби каде што има остатоци од измет. Храната се состои од супа во работните денови, а ништо не им се дава на мигрантите за викендите,“ се вели во репортажата.
Еве сега се појавува нова репортажа, овојпат телевизиска, објавена од Ориент Њуз (линк на арапски), ТВ станица (линк на англиски) која од Сирија со почетокот на војната е пребегана во Дубаи за воопшто да може да рабтои и која известува комбинација од вести за Сирија и светот.
Ако претпочитате, видеото можете да го погледнете директно и на YouTube овде.
Покрај срамните снимки на дузина или повеќе луѓе спијат на сунѓери, мешу кои сигурно имаи деца, расипаните и смрдени клозети, ѓубрето кое никогаш не е исчистено и неизбежните затворски решетки, во репортажата има и дискусија со тројца гости, која се води на арапски јазик. Гостите се:
- Imad Aharaki, за кој се вели дека е поранешен азилант во Македонија и кој сега се наоѓа во Холандија,
- D. Mahmud Abu, кој се јавува од Берлин и кој имал некакви врски со земјава, но од описот не може да се сфати какви и,
- Аhmed, азилант „кој сега е задржан во затворот Гази Баба“, се вели во описот (не е јасно дали се мисли на затворот Шутка или самиот Центар за азиланти се нарекува „затвор“).
Од власта после овој скандал можеме да очекуваме само соопштение за средба со претставници на некоја нова странска компанија, која можеби еден убав сончев ден ќе инвестира во земјава со наши пари. Тоа е омилен одговор на оваа власт на сите скандали и криминали и нема причина тој да биде различен и во ваква ситуација кога станува збор за овој вид на ранлива група, која нема никаков глас во државава, која никој не ја претставува пред надлежните органи и која е многу податна за злоупотреби и експлоатирање.
Она што е, исто така, жално е што македонското новинарство има многу мали капацитети и не може да направи своја автентична репортажа од институција која е финансирана со јавни пари и која ни е под носот, па мораме да цитираме странски репортажи.
[Ве молиме споделете го написот на социјалните мрежи на кои сте активни и помогнете го критичкото и слободното новинарство. АНФАС на Фејсбук можете на го следите овде.]
[Написите од АНФАС не смеат да се преземаат до 24 часа по објавувањето, a по овој рок тоа се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. Доколку написот сакате да го преземете пред да изминат 24 часа, обратете се на anfaspogledpravo@gmail.com за да добиете дозвола преку и-мејл]
No comments:
Post a Comment