
БЕЗВИЗНИОТ РЕЖИМ ЗА ГРАЃАНИТЕ НА ТАЈВАН за патување во Македонија заврши во неделата и сопствениците на тајвански пасош, кои сакаат да допатуваат во земјава, отсега ќе мораат најпрвин да вадат виза, извести тајванското Министерство за надворешни работи, а пренесе focustaiwan.tw од Тајпеи.
Македонија лани го продолжи безвизниот режим за лицата со тајвански пасош за една година и тоа од 1 април 2012 година до 31 март годинава, но преференцијалниот третман не претрпе повторно продолжување, соопштува тајванското министерство.
„Доколку Македонија не објави дека безвизните привилегии се продолжени, жителите на Тајван, кои сакаат да патуваат за Македонија ќе треба да извадат виза,“ се вели понатаму во соопштението.Ваквиот чекор на македонските власти доаѓа откако македонскиот амбасадор во Украина, Ацо Спасеновски, во Киев изјави дека земјава го продолжува безвизниот режим за украинските граѓани во период од 5 години.
Спасеновски оваа изјава ја даде на заеднички брифинг со украинскиот министер за надворешни работи, Леонид Кожара, при што истакна дека Украинците ќе можат да патуваат во земјава без визи до 2018 година, што би требало да ги засили взаемните контакти меѓу граѓаните на двете земји, како и да помогне да се развијат односи во разни полиња, вклучувајќи ја тука културата, образованието, науката и економијата.
Кожара, пак, истакна дека и Украина воведе безвизен режим за граѓаните на Македонија, кој ќе трае до 2015 година.
Од друга страна, пак, се чини како развојот на односите меѓу Македонија и Тајван и да не е толку важен, иако Тајван е глобален играч во светот на бизнисот, далеку поголем меѓународен инвеститор од Украина и далеку побогата земја.
Воведувањето на визи за граѓаните на Тајван значително го комплицира патувањето на жителите од оваа земја за Македонија.
Земјава има амбасади во Австралија и Кина, каде што евентуално Тајванците би можеле да изавадат визи, но не е јасно дали ова ќе биде можно во македонската амбасада во Пекинг, зашто тоа би можело да ги навреди кинеските домаќини, кои Тајван го смемаат за неотуѓив и неодвоив дел од Кина, така што останува проблематично дали Кинезите би дозволиле давање на визи на граѓани кои ги сметаат за свои, но кои визата би ја добиле со доставување на пасош кој не е издаден од Народна Република Кина во странска амбасада на нивна територија.
Исто така, останува нејасно дали ваквиот чекор е направен со цел да се добие добра волја од Кина, откако Македонија го призна Тајван во 1999 година, што, пак доведе до автоматски прекин на дипломатските односите со Кина. По ваквиот потег, за кој во најголема мера беше заслужен тогашниот претседател на Демократската алтернатива, Васил Тупурковски, дипломатските односи со Кина беа обновени по 2002 година откако СДСМ се врати на власт, но, потегот, сепак, остави горчлив вкус врз македонско-кинеските односи и беше причина Кина повеќе да се сврти кон другите земји на Балканот, пред се, кон Србија, каде што Кинезите имаат убедливо најголеми инвестиции во регионов.
Од друга страна, пак, Тајван е многу важен глобален инвеститор и тоа, пред се, на полето на информатичките технологии и еден до најголемите инвеститори во Кина. Така што, за Македонија е од голема важност земјава да има развиени и со ништо некомпликувани односи со Тајван.
Големо прашање е дали кинескиот џин имал влијание врз ваквиот потег на македонските власти и колку Кинезите притиснале за донесувањето на ваквата одлука. Како и дали го искористиле чипот што им стои на располагање, каков што е нивното инволвирање во проектот Вардарска долина, каде што соработката со Кина веќе е објавена.
No comments:
Post a Comment