Saturday, April 20, 2013

Денес над Фејсбук се раѓа... македонскиот неонацизам


Share




НА 27 ФЕВРУАРИ ГОДИНАВА, непосредно пред локалните избори, на Фејсбук е отворена страна со наслов Македонска национал-социјалистичка организција – Македонска зора (МНСО-МЗ). Профил фотографијата на страната содржи маскирано вооружено лице, кое стои пред жолти зраци од сонцето на Вергина, додека во средината има жолт череп, сето тоа поставено на црна позадина. Логото на Македонска зора, пак, има црн лав на бела позадина.

Во четирите статуси напишани со големи букви, кои личат на своевиден мини манифест, се повикува Владата под итно да излезе од коалицијата со ДУИ, „бидеќи ДУИ веќе прават договор со СДСМ и повеќе политички партии да направат сојуз против ВМРО-ДПМНЕ и против македонскиот народ со тоа што ќе формираат широка коалиција со што ќе ја потиснат волјата на мнозинството македонски народ и ќе пробаат да направат промена на вековното име на Македонија, а македонскиот народ ќе го именуваат без негово прашање и дозвола.“


Со ова јасно се покажува, ако не организациска, тогаш барем идеолошка блискост на МНСО-МЗ со ВМРО-ДПМНЕ, како и јасниот став дека ВМРО-ДПМНЕ е онаа партија која единствено може да се идентификува со македонскиот народ, додека сите други се предавници, при што „предавнички“ карактеристики јасно му се припишуваат на СДСМ. Ваквото црно-бело гледање на политиката, потрагата по предавници и ширењето на чувствствo на страв, онеправданост, потиснатост и опасност од национална деструкција, која тукушто треба да се случи и која постојано е веднаш зад ќошот, се вообичаени за неонацистичките организации. Тие се конзистентни со нацистичката идеологија на „крв и тло“ (Blüt und Boden).

„Македонска зора им порачуваме на душманите на Република Македонија и македонскиот народ да не ни помислуваат на промена на името Македонија и разнебитување на Република Македонија, бидеќи ние ќе преземеме најстроги мерки за казнување на сите оние кои ќе пробаат истото да го имплементираат на терен,“
се вели понатаму во статусот, при што јасно е дека организацијата на себе презема улога на судија, порота и џелат, се во едно, без да има било каква смисла за тоа како функционира системот на правдата, што е, исто така, вообичаено за неонацистичките организации.

Македонска зора, се вели понатаму е „згрозена од девијантното однесување на многу наши граѓани“ заради нивните реакции по повод свечениот пречек на Јохан Тарчуловски зашто го идентификувале за воен злосторник. Организацијата со свои коментари се вклучи и во хајката против новинари, критични во однос на власта, кои на социјалните мрежи потсетија дека Тарчуловски е, сепак, осуден воен злосторник од суд кој е признат од страна на државните органи на Република Македонија. МНСО-МЗ се јави со коментари на некои од Фејсбук страниците на Миленко Неделковски и Јанко Илковски (Јади Бурек) под нивните статуси со кои се водеше хајката врз критичките новинари, искажувајќи сексистички и национал-шовинистички квалификации за новинарите кои беа жртва на хајката.

Хајката против критичките новинари, имајќи го предвид и учеството на МНСО-МЗ во неа, бездруго заличуваше на нацистичката „Ноќ на долгите ножеви“ (Nacht der langen Messer), која се случи меѓу 30 јуни и 2 јули 1934 година и во која нацистичкиот режим вршеше политички убиства во Германија.

Нападите врз критичките новинари овде во Македонија минатата недела во период од два дена беа толку силни, бројни и добро координирани, што имаше колеги кои беа принудени да ги затворат своите Фејсбук профили за да го избегнат пренатрупувањето на отровни националистички, шовинистички, сексистички и други видови коментари и напади, кои на страните на Неделковски, Илковски и други јавни личности блиски до владеачката партија достигнаа и до над илјада или севкупно повеќе илјади.

За Љубе Бошковски и Стојанчо Ангелов, пак, МНСО-МЗ вели дека тие не треба да бидат „деградирани“, иако смета дека направиле политичка грешка зашто ја поддржале левата опција.

Ставот на организацијата во однос на Грција е сосема јасен:
„Македонска зора сакаме да им порачаме на посраните грчки узбекистански цигански мајмуни дека Македонија никогаш ниту била грчка ниту има било каква врска со грчката територија и грчката посрана некултура, а гнасите од Златна зора да престанат да јадат лајна наместо леб, бидеќи тие се најгнасното створење од Западот на овие простори, а да не се прават многу паметни и да тураат имиња и презимиња, бидеќи ние сме Македонци и крај, а исто така да го вратат окупираниот македонски дел во 1913 година во Букурешт со посредство на западните лајнарски министри и западни гомнари.“
Со ова се разјаснува и од каде доаѓа името „Македонска зора“, кое би требало да претставува противтежа на сличната таква неонацистичка партија во Грција со име „Златна зора“ и јасно се искажува национал-шовинизам од големомакедонски позиции преку демонизирање на друга нација (во конкретниов случај грчката), при што таа се категоризира како инфериорна, која дури не е составена од луѓе, туку од - мајмуни.


Секако, треба да се има предвид дека можеби не станува збор за „организација“ или „иницијатива“ во вистинска смисла на зборот, туку само за едно лице кое има време за губење, но лице на кое сигурно не му недостасуваат амбиции. На страната се најавува јавна промоција „наскоро на првата македонска национал-социјалистичка организација“ и се додава дека секој оној што ќе се зачлени ќе добие блуза и беретка и двете со логото на Македонска зора. Со ова, се чини дека Македонија ќе ги добие своите први „црни кошули“ (camicie nere), кои во нацистичката и неонацистичката традиција претставуваат паравоена и параполициска организација за првпат создадена во Италија од страна на фашистите на Бенито Мусолини меѓу двете светски војни официјално позната како Волонтерска милиција за национална безбедност (Milizia Volontaria per la Sicurezza Nazionale).

Исто така, се најавува и започнување со печатење на „првиот македонски националистички весник“, кој би требало да биде бесплатен и ќе се дистрибуира „до сите граѓани патриоти и македонски национални десно ориентирани организации партии здруженија и слично“.

Фејсбук страната на МНСО-МЗ веќе има 105 пријатели. Од повидните личности како пријатели се наведени Ѓорѓија Џорџ Атанасовски, иселеник во САД и претседател на Македонската алијанска, Страшо Ангеловски, претседател на ВМРО-ВЕП (ВМРО-ВЕП е коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ) и Иван Петрески-Џо, поранешен иселеник и лице кое се смета за блиско на тајните служби во поранешна Југославија. Се разбира, нема начин да се дознае дали овие лица самите се вклучиле на Фејсбук страната или биле внесени од страна на основачот, со оглед на можноста која ја нуди Фејсбук да ги зачлените вашите пријатели во групите што ги основате на социјалната мрежа. Но, во секој случај, овие три лица се зачленети во групата барем еден месец и во тој период ниеден од нив не се отчленил.

Особено интересно лице член на страната е извесен В.О., кој како средно име го користи зборот „ГЕСТАПО.“ На насловната страна на неговиот личен профил доминантна профил фотографија е една од ретките на која Адолф Хитлер е слилкан во колор и на која го шета својот германски овчар Блонди, подарен од неговиот колега, познатиот нацист Мартин Борман. Уште поинтересен е фактот што оваа фотографија на Хитлер е околу неговата лична, на која сопственикот на профилот го гушка своето мало детенце покрај вода, додека веднаш десно од детенцето е фотографиран Хитлер со своето куче.



Во очекување на македонската „Кристална ноќ“ (Kristallnacht), односно организиран погром (кој оригиналните нацисти го спроведоа на 9-10 ноември 1938 година во делови на Австрија и во кој беа убиени 91 Евреин, а 30.000 однесени во концентрациони кампови), на сите оние кои во земјава мислат различно или не се доволно етнички чисти според критериумите на МНСО-МЗ, страната на македонските национал-социјалисти можете да ја најдете овде.



[Ве молиме споделете го написот на социјалните мрежи на кои сте активни и помогнете го критичкото и слободното новинарство. АНФАС на Фејсбук можете на го следите овде.] 

[Написите од АНФАС не смеат да се преземаат до 24 часа по објавувањето, a по овој рок тоа се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. Доколку написот сакате да го преземете пред да изминат 24 часа, обратете се на anfaspogledpravo@gmail.com за да добиете дозвола преку и-мејл]

No comments:

Post a Comment