Стомаците на преспанските јагули пукаат од загадувањето на Преспанското езеро, раковите се истребени од езерото и ги има само во притоките. За првпат во историјата Преспанското Езеро замрзнува во плитките делови поради огромниот одлив на вода, а како резултат на огромната употреба на вештачки ѓубрива во јаболкопроизводството, кое денеска се врши на 65 отсто поглеми површини споредено со само пред 4 години, вегетацијата во езерото е толку голема што сонцето не може да продре подлабоко и да ја прочисти водата. За сето ова се виновни земјоделските субвенции на Груевски и неговата влада.
ВКУПНАТА ПОВРШИНА НА ОБРАБОТЛИВО ЗЕМЈОДЕЛСКО ЗЕМИЈШТЕ во Ресен и ресенско во период од 4 години – од 2008 до 2012 година забележа раст од дури 65 отсто и тоа од 2.589 на околу 4.000 хектари. Најголем дел од ова земјоделско земјиште отпаѓа на јаболкови овоштарници. Над 64 отсто од вкупниот број на јаболкови дрва во Македонија се наоѓаат во Ресен и ресенско, односно во преспанскиот регион. Зголемувањето на земјоделски површини придонесе годинава ресенчани имаа најголема берба на јаболка во изминатите 5 години од околу 100 илјади тони.
На прв поглед ова се импресивни резултати. Но, само на прв поглед. Сѐ додека не се загребе под површината и не се погледне малку подлабоко.
Ресен во текот на една сезона генерира отпад од пакувања од пестициди од 10 тони и состојбата со овие пакувања во преспанскиот регион, кои претставуваат чист отров, станува драматична. Купиштата пакувања од пестициди се фрлаат на диви депонии, а следна омилена локација за ослободување од нив е покрај потоци. Таму е најлесно да се остават зашто има вода која се користи за правење на смесата за прскање. Овие пакувања се фрлаат и на општинската депонија заедно со другиот комунален отпад. Проблемот е само што на пакувањата од пестициди не им е местото ниту на комуналната депонија, зашто овој токсичен и опасен отпад, не смее да се меша со обичниот.
УНДП ГЛУМИ ДОН КИХОТ ВО ПРЕСПА
Програмата за развој на Обединатите нации (УНДП) финансираше оградување на 7 локации со контејнери за овој вид отпад, но тие се недоволни, а покрај тоа, на овие локации се фрла сѐ и сешто, па дури и стар намештај и цели шпорети, но многу малку опасен отпад од пестициди. Комуналното претпријатие во општината има посебен простор за привремено одложување на овој отпад (изграден, исто така, со пари на УНДП, не од Владата на Груевски – покрај отпадот во Ресен нема голема флуктуација на луѓе, па нема смисла таму да се градат споменици), но трајно решение сѐ уште не е изнајдено и кога времениот базен ќе се наполни, повеќе не ќе можат да се собираат нови количества од овој отров.
Уште поголем проблем за животната средина, и тоа особено за Преспанското Езеро, се вештачките ѓубрива какви што се нитратите и фосфатите. Дури 96 отсто од обработливото земјиште во преспанскиот регион, што во најголем дел значи јаболковите овоштарници, се ѓубри со вештачко ѓубриво. На второ место се фунгицидите со кои се третира 50 отсто од земјиштето, на трето место се инсектицидите, со кои се третира 41 отсто од земјиштето, потоа се хербицидите со 16,6 отсто и на четврто место се природните ѓубрива со само 12 отсто.
Во Ресен УНДП ја гради и првата компостара во Македонија (финансирана со швајцарски, а не со владини пари – и таму нема народ, па нема потреба од катна гаража) со цел да се иницира употребата на компостот и тој како природно ѓубриво да се користи покрај вештачките. Но, нејзините капацитети се ограничени, а таа ќе го достигне својот полн, но, сепак, недоволен капацитет дури за 5 години и тоа само по д услов одгледувачите, преработувачите и големите трговци отпадот од јаболката од година во година да го носат редовно на за тоа точно одредени локации без никаков надомест. Да не говориме, пак, за фактот што ресенчани немаат искуство со користење на компост, ниту пак имаат доверба во него како замена за вештачките ѓубрива.
Проблемот со вештачките ѓубрива и нивната прекумерна употреба е што тие влијаат катастрофално врз Преспанското Езеро, а особено врз живиот свет во него. Ваквата состојба со прекумерното користење на овие средства е комплетно неодржлива и ако таа продолжи за само 3-4 децении езерото ќе остане без разновиден животнски свет, но и ќе биде преполно со загадена вода.
ГО ИСПИЈА ЕЗЕРОТО
Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Глобалниот фонд за заштита на животната средина (ГЕФ), со помош на Хидробиолошкиот институт од Охрид и Истражувачкиот центар за рибарство и аквакултури „Хидра“ од Тирана, лани ја издадоа првата публикација воопшто, што ги илустрира сите различни видови на риби што живеат во Преспанското езеро со наслов „Рибите на Преспа“ (Fish of Prespa).
Со оглед на фактот што ова езеро е едно од најстарите на светот, во него егзистираат ункатни и бројни форми на живот. Во книгата се вели дека живиот свет во езерото во текот на милиони години се соочувал со многу предизвици, но и дека ниеден од нив не претставувал толкава голема закана како што е тоа влијанието на човекот. Се додава и дека езерскиот екосистем секојдневно се влошува, што предизвикува комплексни негативни ефекти врз биолошката разновидност.
Од крајот на минатиот век во езерото се случуваат драматични промени - се зголемува количеството на хранливи материи, што доведува до поголема вегетација, се намалува нивото на водата, заради нејзино прекумерно искористување, а во последните две децении состојбата забрзано се влошува.
Проѕирноста на водата е намалена за 30-70 отсто само во последните 15 години, потоа во последните две децении температурата на водата е пониска за 4 степени заради спуштањето на нивото, па за првпат се случува водата да замрзнува во плитките зони. Од друга страна, пак, заради пожешките лета се создава повеќе вегетација, која во зима го спречува продирањето на сончевите зраци.
КЛЕНОВСКО НАМЕСТО ПРЕСПАНСКО ЕЗЕРО
Во езерото денес има 19 видови риба – 11 од нив се автохтони, а 8 се неавтохтони, односно воведени се од страна на човекот. Некои видови риби се значајни за рибарството, други не се зашто ги има многу малку, но речиси сите се под некаков вид на закана – или од сушите, или од црпењето вода или други видови на риби, кои им ја крадат храната или им се конкуренти во однос на мрестилиштата. Она што, сепак, на речиси сите им е заедничко е дека се под закана од загадувањето. Единствена риба која многу малку трпи од загадувањето е кленот, кој се чини е отпорен, но ако ваквата состојба продолжи за 3-4 децении Преспанското Езеро ќе треба да се преименува во Кленовско Езеро, зашто во него ќе има само кленови.
Еден од најзагрозените видови е преспанската јагула, која во себе содржи високи количества на масти и која се храни на езерското дно. Овие карактеристики ја прават многу осетлива на биоакумулацијата на загадувачки материи како тешки метали и органски загадувачи, кои кај неа можат да предизвикаат дури и оштетување на внатрешните органи. Пред да се изградат хидроцентралите на реката Дрим, јагулата имаше отворени миграторни патишта од морето. По изградбата на браните, Охридското Езеро и акумулациите Глобочица и Шпилје редовно се порибуваат, со цел да се заштити нејзината популација. Преспанското езеро официјално никогаш не било порибено со јагула, се вели во книгата на УНДП и ГЕФ.
![]() |
| Фото: „Рибите на Преспа“, издание на УНДП и ГЕФ |
РЕСЕНСКИТЕ ГАЗДИ БЕГААТ ОД РЕСЕН И КУПУВААТ ДУЌАНИ НИЗ СКОПЈЕ
Да се вратиме сега на јаболкопроизводството. Придобивките од него ни приближно не се распространети рамноправно. Од ресенските јаболка најголем ќар има преработувачкиот капацитет на „Агроплод“, големите трговци и малиот број големи одгледувачи, додека најбогати се малкумината трговци кои продаваат системи за наводнување капка по капка, од кои голем дел се преселуваат во Скопје во оној момент кога ќе можат да си дозволат купување на станови и дуќани во главниот град. Се смета дека овој ресенски „еснаф“ наголемо купува дуќани во големите трговски центри во Скопје.
Најголем дел од жителите на Ресен и ресенско имаат мали бенефиции од овој нерамноправен систем на распределба на субвенциите и се занимаваат со одгледување јаблока заради традицијата, немањето на други професионални можности, а во последно време и заради субвенциите на Владата, кои, сепак, во најголем дел одат во џебовите на преработувачите и откупувачите. Во период од 21 година бројот на жители во преспанскиот регион драматично опаѓа и тоа од над 25.000 во 1981 на 16.825 во 2002 година за денеска тој да биде под 14.000. Бројката од 16.825 жители од 2002 година е под нивото од 1921 година, а актуелниот број е вројатно помал и од времето пред Крушевската Република, што покажува дека штетата веќе е направена и никакви субвенции не можат да ги вратат сите оние што засекогаш заминале од своите огништа во преспанско.
Но, приказната не завршува тука. Инциденцата на рак во општината е висока, а состојбата се очекува да се влоши како што ќе се зголемува загадувањето и тоа и на почвата и на воздухот, но и на водата во езерото.
ВОЈНА ЗА ВОДА МЕЃУ ОХРИД И ПРЕСПА
Покрај ова, 21-иот век се смета дека ќе биде век на војни за пристап и сопственост врз водите и изворите на вода. Доколку Преспанското Езеро стане затруено, сосема е очекувано загадената вода да се прелее и во Охридското Езеро со оглед на фактот што двете езера се споени под Галичица. Ова значи дека за 40-50 години, ако се продолжи со ова загадување, и Охрид и Струга ќе почнат да ги чувствуваат последиците од загадувањето на водите на Преспа, што за жителите од туристичките градови на охридското крајбржје е крајно неприфат ливо. Ако во Преспа нема никаков туризам и ако тој не се ни очекува, туризмот на бреговите на Охридското Езеро претставува значаен прилив на приходи, безмалку суштински за жителите на Охрид и Струга, така што тие нема лесно да се откажат од него. Напротив, сосема е разумно да се очекува дека за опстанок на туризмот ќе се борат со сите сили и со сите расположливи средства.
А, нам во Македонија, со оглед на фактот што немаме други проблеми, само уште ова ни недостасува – жители од неколку соседни оштини да почнат да војуваат околу водните ресурси и на тој начин да ја држат Македонија во тренд – ако во ништо друго тогаш барем преку немири и насилства во битка за чиста вода.
Книгата „Рибите на Преспа“ во издание на УНДП и ГЕФ можете да ја најдете овде (Adobe Acrobat - PDF формат - за преземање).
[Ве молиме споделете го написот на социјалните мрежи на кои сте активни и помогнете го критичкото и слободното новинарство. АНФАС на Фејсбук можете на го следите овде.]
[Написите од АНФАС не смеат да се преземаат до 24 часа по објавувањето, a по овој рок тоа се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. Доколку написот сакате да го преземете пред да изминат 24 часа, обратете се на anfaspogledpravo@gmail.com за да добиете дозвола преку и-мејл]




Ова што претставува текстот на англиски се нарекува Fearmongering. Во суштина се согласувам дека има загадување и дека тоа е неиздржливо за екосистемот во и околу него. Миграцијата во главниот град, наводните тешки заболувања (рак) во и околу Ресен, војната за вода...ова е сеење страв. Авторот како да заборава (намерно?) дека Македонија не е исклучок во светот по немили процеси. Низ целиот свет луѓето се соочуваат со истите проблеми.
ReplyDelete