СО ПОСЕТАТА НА БРАЗИЛ, ПРЕМИЕРОТ НИКОЛА ГРУЕВСКИ го посети и својот петти континент по ред во потрага по странски инвестиции. Македонскиот премиер досега бил во редица европски земји, во Австралија, во Азија, лани беше двапати во Северна Америка и со актуелната посета на Бразил, односно на Јужна Америка, ова му е петти континент во кој тој трага по странски инвестиции.
Од сите овие екскурзии немаше многу успех. Единствено беше најавена инвестиција на индиската компанија „Мадерсон“, која на Бунарџик требаше да изгради фабрика за ретровизори и за која беше објавен одека добила 16,5 милиони долари субвенции од македонската држава, но, иако ова беше најавено уште преклани, во последно време за фабриката на „Мадерсон“ ништо не се слуша. Има надеж и дека Субрата Рој ќе инвестира во туристички комплекс на Охридското Езеро, но и ова засега останува голема непознаница со оглед на финансиските проблеми со кои се соочува индискиот олигарх во својата матична Индија.
Но, ако не донесе странски инвестиции, Груевски и Боркица барем се прошетаа. Во Индија Груевски носеше турбан како индиските махараџи, како што може да се види на долната фотографија објавена во индиските весници, а во Лос Анџелес лани ја помина Алејата на славните.
Груевски е единствен премиер на Балканот и пошироко, кој самиот лично има посетено пет континенти во потрага по странски инвестиции. Ниеден друг премиер не е толку склон по патувања во странство по странски пари, особено што многу лесно може да се случи од тие патувања да нема ништо, како што тоа сега го гледа Груевски. Дури ни грчките премиери во изминативе 4 години, откако земјата западна во тешка рецесија заради должничката криза, не се запатија во потрага по странски пари вака слепо како што тоа го прави Груевски.
Но, да се надеваме дека премиерот ќе има повеќе среќа во Африка, поточно во немирните Египет или Тунис или можеби во Конго - најсиромашната држава на планетата со бруто домашен прпоизвод од само 219 долари по жител. А, ако не во Африка, тогаш можеби на Антарктикот. Можеби пингвините од смрзнатиот континент ќе сакаат да инвестираат во Македонија.
[Ве молиме споделете го написот на социјалните мрежи на кои сте активни и помогнете го критичкото и слободното новинарство. АНФАС на Фејсбук можете на го следите овде.]
[Написите од АНФАС не смеат да се преземаат до 24 часа по објавувањето, a по овој рок тоа се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. Доколку написот сакате да го преземете пред да изминат 24 часа, обратете се на anfaspogledpravo@gmail.com за да добиете дозвола преку и-мејл]



No comments:
Post a Comment