Македонија, поточно електро-пеносниот оператор во земјава, МЕПСО, има земено милиони мегават часови електрична енергија од Бугарија, кои никогаш не се вратени. Кој се офајдил од оваа струја?
БУГАРСКИТЕ ДАНОЧНИ ОБВРЗНИЦИ се измамени за барем 1 милијарда левови (околу 500 милиони евра) зашто нивни пари се употребени за нелегален извоз на електрична енергија во соседните земји, извести софиската телевизија ТВ7.
Според истражувачкиот извештај на телевизијата, 12,8 милиони
мегават часови електрична енергија се извезени меѓу 2008 и 2013 година во
Македонија, Србија, Грција и Турција врз основа на вишоци на струја
што ги поседувал источниот сосед.
Според билатералните договори со енергетските оператори на другите
балкански земји, бугарската Национална енергетска компанија (НЕК), преку
тамошниот Оператор на енергетскиот систем (ЕСО) има пренасочено електрична
енергија надвор од бугарските граници.
Во договорите се вели дека Бугарија треба да биде обештетена исклучиво
со исто количество електрична енергија, која треба да и биде вратена без никакви монетарни трансакции. Телевизијата тврди дека тоа не е сторено, за што покажува табела објавена од НЕК. Во табелата, која се покажува во
прилогот, стои дека на Бугарија и се вратени само 1,6 милиони мегават часови,
односно далеку помалку од износот што и следува.
Овој договор на давање струја за истата да се врати е многу чуден
зашто е познато дека сите земји соседи на Бугарија не произведуваат доволно
елелктрична енергија за свои потреби и мора да ја уевзуваат. Така што, останува
нејасно како е договорено Македонија, на пример, да враќа струја, кога не може ни да ги задоволи своите потреби. Македонија може да плати за струја, како што тоа
постојано го прави со увоз (на Македонија од година во година и недостигаат
20-30 отсто струја), но не и да враќа струја која ја нема.
Во прилогот се покажува табелата во која јасно се гледа дека
македонскиот електро-преносен оператор МЕПСО зел струја од ЕСО, но никогаш не
ги вратил земените количества. Каде отишле невратените количества струја и парите
од нив, односно во чии џебови, останува нејасно. Во прилогот се вели и дека
ваквата зделка со Македонија почнала во 2008 година кога е изграден новиот
далновод кон Бугарија и се објаснува дека и со него имало нечисти зделки. ТВ7
се има писмено обратено до МЕПСО за да добие објаснување за оваа струја, но
телевизијата никогаш не добила одговор.
Во прилогот, како пример, е покажано дека струја, која е дадена на
Грција, потоа е препродадена на Италија, па не е далеку од умот да се помисли и
дека струја која на ваков начин завршила во Македонија потоа е продадена на
трета држава, а парите некој си ги ставил во џеб. Состојбата особено беше
драматична минатата година зимата, заради големиот студ, кога цената на струјата
се искачи дури и до 180 евра за мегават.
Инаку бугарскиот енергетски сектор е поприлично корумпиран, Во
прилогот се вели дека шеф на регулаторно тело има дадено дозвола за
изградба и сопственост на соларна централа на својата сопруга. Поранешната
американска амбасадорка во Бугарија, Ненси МекДауни, пак, во депешите објавени од
Викиликс напиша дека бугарскиот енергетски сектор е преполн со кадри од стариот
комунистики режим и дека многу од нив имаат блиски врски со Русија од поранешниот
СССР од каде што и потекнува буарската енергетска технологија.
Прилогот на ТВ7, во кој младата и енергична новинарка трча по
надлежните шефови од енергетскиот сектор во Софија, барајќи објаснување и наоѓајќи ги во гаражи
и лифтови, можете да го погледнете овде.
[Ве молиме споделете го написот на социјалните мрежи на кои сте активни и помогнете го критичкото и слободното новинарство. АНФАС на Фејсбук можете на го следите овде.]
[Написите од АНФАС не смеат да се преземаат до 24 часа по објавувањето, a по овој рок тоа се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. Доколку написот сакате да го преземете пред да изминат 24 часа, обратете се на anfaspogledpravo@gmail.com за да добиете дозвола преку и-мејл]



izberete dela
ReplyDelete