Friday, April 26, 2013

Ќе праќаме слугинки во Катар - за инвестиции ќе почекаме

Share

Странските слугинки во Катар се предмет на иживувања и од нив неретко работодавците бараат сексуални услуги. 


Додека во Македонија постојано се труби за за некакви инвестиции од Катар, во оваа држава на Арапскиот полуостров исклучиво се говори за отворената можност со која земјава ќе може таму да испраќа слугинки. Македонија, заедно со Босна, Бангладеш, Камбоџа и Виетнам ќе може да испраќа слугинки во Катар кои ќе работат за 200 до 250 долари.

Претставници на тамошните министерства за внатрешни работи и за труд веќе ги имаат посетено овие земји, извести бригадниот генерал Мухамед Ахмед Ал Атик, заменик директор за имиграција и пасоши во министерството за внатрешни работи на прес конференција, а пренесоа локалните медиуми.


Агенциите за вработување во Катар ќе можат да аплицираат во министерството за дозволи да вршат вработувања од овие земји, а директорот за вработување во катарското министерство за труд, Фаваз Ал Рајис, на прес конференција рече дека бројот на слугинки и други работници ќе зависи од понудата и побарувачката.

Договорите за работа ќе зависат од билатералните договори со секоја од земјите, но генерално слугинките имаат плата од 200 до 250 долари.

Инаку, во Катар веќе подолго време има забелешки дека агенциите за вработување им наплаќаат огромни  суми на семејствата кои сакаат слугинки, а има и забелешки дека многу слугинки бегаат откако ќе поработат во семејствата три или помалку од три месеци. Во земјата најголема надеж е дека отворањето на нови пазари за слугинки ќе ги намали сумите што ги наплаќаат агенции за вработување.

Она што не се кажува е фактот што странските работници, кои сочинуваат дури 94 отсто од популацијата, се акутно ранливи во однос на злоупотреби и експлоатација, јавува Human Rights Watch. Голем дел од овие странски работници работат на градежни проекти откако Катар го доби Светскто првенство во фудбал за 2022 година. 

Забраната на синдикатите, кафала ситемот на вработување базиран врз спонзорства, кој не дозволува промена на работното место, ниту пак можност да се излезе од земјата без дозвола на спонзорот, нелегалните провизии за вработување и рутинската конфискација на пасошите им овозможува на работодавците да имаат огромна контрола врз работниците мигранти. Многу од нив живеат во пренатрупани и несанитарни сместувачки капацитети, а и работат во услови на присилна работа. 

Има куп стории и од Катар, но најмногу од Саудиска Арабија, каде што странските слугинки се најбројни, за силувања од страна на работодавците или барање на сексуални услуги и други видови злоупотреби.

Од друга страна, пак, во извештајот од прес конференцијата, кој можете да го најдете овде, ништо не се спомнува за било какви инвестиции на Катар во Македонија.

[Ве молиме споделете го написот на социјалните мрежи на кои сте активни и помогнете го критичкото и слободното новинарство. АНФАС на Фејсбук можете на го следите овде.] 

[Написите од АНФАС не смеат да се преземаат до 24 часа по објавувањето, a по овој рок тоа се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. Доколку написот сакате да го преземете пред да изминат 24 часа, обратете се на anfaspogledpravo@gmail.com за да добиете дозвола преку и-мејл]

No comments:

Post a Comment