Monday, June 10, 2013

Мајко мила и ова го дочекавме - Сител е најомилена телевизија во Македонија

Share
Телевизија Сител е најомилена кај македонските гледачи и тоа според вкупниот квалитет на програмата. Најголем процент од македонските телевизиски гледачи вести гледаат токму на Сител. Единствено охрабрува фактот што публиката на Сител е стара - над 50 отсто од гледачите на кои оваа телевизија им е најомилена се постари од 50 години.

НА 26,8 ОТСТО ОД ГЛЕДАЧИТЕ, Сител им е најомилена телевизиска станица и со ваков резултат таа е на прво место по „омиленост“ и тоа „според вкупниот квалитет на програмата“ меѓу домашните национални телевизиски станици. Ова го покажа истражувањето на „Market Vision“ за потребите на Советот за радиодифузија спроведено од 5-11 април, а објавено деновиве, во кое се интервјуирани 1.070 граѓани по принципот лице во лице.
На второ место е Канал 5, која им е најомилена на 17,5 отсто од испитаниците, на трето место е Алсат-М со 13 отсто, на четврто е МТВ1 со 10,8 отсто, на петто Телма со 10,6 отсто, на шесто Алфа со 9,2 отсто и на седмо 24 Вести со 4,5 отсто. Кога станува збор за домашните канали, националните телевизии најчесто се гледаат од 96,4 отсто, а локалните од 3,6 отсто од гледачите.

Сепак, ако се погледне старосната структура на испитаниците кои велат дека Сител им е најомилена ТВ станица, 50,7 отсто од неговата публика е над 50 години, додека кај Канал 5 29,2 отсто се над 50 години. Најмалку гледачи над 50 години од вкупниот број имаат Телма со 26,9 отсто и Алсат-М со 21,7 отсто.

Она што е интересно во ова истражување и што не им оди во прилог на телевизиите е фактот што дури 40 отсто од испитаниците од 18-29 години велат дека ниту една национална телевизија не им е омилена, а истото го мислат и 26,7 отсто од испитаниците од 30-39 години. 

Причината за ова е тоа што младите или не го сакаат изборот што им го нудат националните 
телевизии или, пак, имаат нешто против телевизијата како медиум генерално и се насочени далеку повеќе кон интернетот. Истражувањата на меѓународен план покажуваат дека младите се далеку покомотни на интернет отколку пред телевизор. На пример, анкетите извршени кај младите во САД и Западна Европа покажуваат дека тие се многу посклони најпрвин да се откажат од ТВ претплатата ако мораат, останувајќи задоволни само со пристапот со интернет.
Еве ја и најомилената телевизиска фаца (ако не ви пречи да  пикате два прста во грло секогаш кога ќе го видите)
Сепак, телевизијата, барем засега, останува доминантен медиум во земјава. Убедливо најголем број од испитаниците, 58,3 отсто велат дека најтешко би им паднало кога би требало да се откажат од неа, а од друга страна, само 59 отсто од испитаниците имаат пристап до интернет од дома. 

Над 84 отсто од испитаниците гледаат вести на телевизија, 62,8 отсто гледаат серии, 62,1 отсто гледаат филмови, а 43,34 отсто гледаат спортски програми.

Вести најмногу се гледаат на Сител - 58,1 отсто од испитаниците го прават тоа, 54,5 отсто вести гледаат на Канал 5, а 33 отсто вести гледаат на Телма. 

Сител со 86,3 отсто и Канал 5 со 79 отсто се шампиони и кај сериите, а на трето место е Телма со само 12,2 отсто.

Сител и Канал 5 водат и кај филмовите со 51,8 отсто и 46,3 отсто респективно, но тука блиску до нив се и Алфа со 36,5 отсто и Телма со 35,9 отсто.

Сител води и кај забавните емисии со 52 отсто, а кога станува збор за спортот лидери се МРТВ1 со 71,2 отсто и Телма со 60 отсто. 

Кај музичките, културните, документарните, образовните емисии и цртаните филмови лидер е МРТВ1, додека кај дебатните политички емисии, кои, за жал, се помалку ги има на ТВ екраните Сител, Канал 5, МРТВ1, Алфа и Алсат-М се тука некаде со околу 30 отсто. 

Телма, пак, води со гледаноста на детската програма, пред сѐ, заради емисијата 5+, која е безмалку единствена емисија за деца..q


[Ве молиме споделете го написот на социјалните мрежи на кои сте активни и помогнете го критичкото и слободното новинарство. АНФАС на Фејсбук можете да го следите овде.] 

[Написите од АНФАС не смеат да се преземаат до 24 часа по објавувањето, a по овој рок тоа се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. Доколку написот сакате да го преземете пред да изминат 24 часа, обратете се на anfaspogledpravo@gmail.com за да добиете дозвола преку и-мејл]

No comments:

Post a Comment