Барем 85 илјади сиромашни домаќинства, а можно е да бидат и 150 до 200 илјади, ќе треба да платат за да можат да гледаат телевизија од 1 јуни. Голем дел од нив можат да останат и без телевизија извесен период додека ги соберат неопходните 990 денари. Власта со ваквиот потег ги изневери, зашто наместо со парите на пребогатата АЕК да им купи рисивери, таа реши на телеком регулаторот за да му изгради зграда.
ТОКМУ НА ДЕНОТ НА ПРАЗНИКОТ НА ТРУДОТ, 1. Мај, претседателот на Советот за радиодифузија, Зоран Трајчевски, изјави дека 85 отсто од граѓаните „имаат приклучок од кабелските оператори“, а останатите 15 отсто што гледаат само на обична антена ќе мора да купат ресивери.
Како прво и основно, бројот на граѓани кој има или нема „приклучок кај кабловските оператори“ е небитен во оваа прилика. „Граѓани“ не се претплатуваат „кај кабловските оператори“, туку тоа го прават домаќинствата. Точно е дека има домаќинства составени од едно лице, но има и такви кои се составени од повеќе семејства и сите тие, со оглед на тоа што живеат на одвоена локација, по правило имаат една претплата.
САМО НА 15 ОТСТО ЌЕ ИМ ТРЕБААТ РЕСИВЕРИ? КАКО НЕ! СИГУРНО!
Но, ајде, да претпоставиме дека Трајчевски се збунил и мислел на домаќинства. Во Република Македонија има 564.237 индивидуални домаќинства. Петнаесет отсто од нив изнесува 84.636. Со оглед на фактот што според последниот попис од 2002 година, македонските домаќинства имаат 3,2 лица во просек, станува збор за 270.835 граѓани, кои ќе треба да платат по 990 денари, или нешто над 16 евра по домаќинство, ако сакаат да продолжат да гледаат телевизија без да треба да купат некој од телевизиските пакети што се нудат со месечна претплата и само со собна антена. Ако не го купат овој уред, на својот телевизор ќе гледаат само снег. Се разбира, ова не се однесува на ТВ претплатата за програмите на Македонската радио телевизија. За нив, без оглед дали овие домаќинства ќе купат ресивер или не, ќе треба редовно да плаќаат по 190 денари месечно ако не сакаат да завршат на суд.
Инаку, пред да продолжиме со анализата на
ваквата состојба и негрижа на власта за веројатно најранливиот сегмент на
македонската популација, покрај социјалните случаи, само сакаме да истакнеме
дека оваа бројка од 84.636 семејства, за кои Трајчевски вели дека не се претплатени
на кабловски оператори и кои ќе мора да купат ресивери ако сакаат да гледаат
телевизија, нам ни се чини прениска и сметаме дека таа изнесува меѓу 150.000-200.000 семесјства (или 480.000 до 640.000 граѓани). Како може само на 15 отсто од граѓаните да им требаат рисивери, кога во земјава има вкупно 270.835 претплатници (сосе фирми, хотели, болници и друго), а во Македонија има вкупно 564.237 семејства? Анализата за ова
можете да ја погледнете под текстот. Таа се базира само на неколку достапни податоци, а останатото се проценки добиени во разговори со експерти. Но, без оглед дали станува збор за 84.6363 или 150.000-200.000 семејства, се работи за голем број.
АКО НЕ СЕ КВАЛИФИКУВАТЕ ЗА СОЦИЈАЛНА ПОМОШ, ВАДЕТЕ ПАРИТЕ
Како што и може да се претпостави, ова се сиромашни домаќинства, кои едвај преживуваат и се наоѓаат само едно
скалило над оние 40.000 домаќинства, кои се социјални случаи и кои ресивери ќе
добијат од државата. Станува збор за домаќинства кои заработуваат од 2 илјади
до 8-10.000 денари по домаќинство, во зависност од бројот на членовите и со тоа не
се квалификуваат за социјална помош или за домаќинства во кои има еден
вработен, кои го поседуваат домот во кој живеат, иако можеби не се вработени,
но со тоа се дисквалификувани од социјална помош, или, пак, за семејства во кои
живее еден пензионер од чија пензија домаќинството преживува. Во секој случај,
безбедно е да се каже дека овие домаќинства се многу сиромашни со оглед на фактот
што немаат ни 450 денари месечно за да се претплатат ниту на најевтиниот ТВ
пакет, кој досега го нудеа ТВ операторите.
Овие домаќинства, кои живеат од мали приходи или
со помош на родители и пријатели или кои се снаоѓаат на којзнае каков начин,
сега ќе треба да платат по 990 денари ако сакаат да гледаат телевизија, покрај
редовната ТВ претплата за МРТВ.
Да, знам! На значителен дел од популацијата овие 990 денари не им претставуваат проблем. Многу е тешко за богатите дасе соживеат со сиромашните. Тие имаат тенденција да прашуваат акко е можно некој да не може да најде 990 денари? Сепак, во држава со 30,6 отсто невработеност и со плати кои знаат да изнесуваат 7, 8 или 10.000 денари, тоа е многу лесно можно. Ако сметате дека 990 денари не се проблем за никого, тогаш прашајте се зошто има толку многу домаќинства кои не можат да плаќаат ни 450 денари месечно за основниот комерцијален ТВ пакет.
НАМЕСТО ДА ЈА ПЛАТИ ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА, АЕК ЌЕ СЕ ШИРИ ВО НОВА ЗГРАДА
Работата е во тоа што ваква ситуација не мораше и не смееше да се случи. За 84.636 семејства да добијат ресивери потребни се само
1,36 милиони евра. ВМРО-ДПМНЕ, на пример, има градоначалник во
сиромашна општина во Источна Македонија, кој до Државната комисија за сапречување корупција има пријавено имот од 1,54 милиони
евра, значи помалку од парите потребни за овие ресивери.
Уште повеќе, овој износ е далеку помал од
бројката од 8,5 милиони евра, колку што се фрлија на изградбата на зградата на
Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) во строгиот центар на Скопје за АЕК да стане единствен телеком регулатор на Балканот што ќе има своја зграда. Проблем со
таа зграда е што парите на АЕК не се наменети за неа, туку исклучиво за развој на
телекомуникацискиот пазар. А, дигитализацијата се прави токму за тоа – за да
напредне телекомуникацискиот пазар: да се ослободат фреквенции за телеком
операторите да можат да нудат 3Г и 4Г услуги и да се добијат што повеќе
претплатници на мобилен интернет. Кога веќе со дигитализацијата на операторите
им се овозможува да нудат нови услуги и од нив да заработуваат повеќе пари,
тогаш можеа нивните средства, кои се платени на АЕК, барем да се искористат
за купување на овие ресивери за една од најранливите социјални групи во
општеството.q
А, еве и зошто сметаме дека далеку повеќе од 84.636
семејства ќе треба да купат ресивери:
1.
|
Вкупен број на индивидуални
домаќинства во Македонија
(попис 2002
година)
|
564.237
|
|
2.
|
Домаќинства на
кои не им е потребен ресивер за гледање ТВ
|
Претплатници на комерцијални ТВ пакети (278.140 вкупно
според АЕК, крај на 2012, минус 10 отсто фирми, кафулиња, хотели, болници, пензиски домови и слично, кои
не се домаќинства)
|
-250.000*
|
Претплатници на албански комерцијални ТВ пакети Тринг и
ДигиталТВ, за кои рисивери се продаваат во Македонија и на кои македонските
Албанци во огромен број се претплатуваат.
(Проценетата бројка од 60.000 претплатници е 42 отсто
од бројот на албански домаќинства во Македонија, ист процент на претплатници како
и кај другите домаќинства во државата.)
|
-60.000*
|
||
Социјални случаи
(Ќе добијат ресивери од државата)
|
-40.000
|
||
Дримбокс пиратски претплатници на кои не им треба
ресивер за гледање ТВ
(Тие се малку заради високите влезни трошоци од 400-500
евра за рисивер, сателитска антена, годишна ТВ претплата и интернет претплата)
|
-5.000*
|
||
Домаќинства што не се претплатени на комерцијални ТВ
пакети, но имаат нов телевизор со дигитален приемник.
(И тие се малку зашто ако некој има 300-600 евра за нов
телевизор со дигитален приемник, нема причина да не плати 450 денари месечно за
комерцијален ТВ пакет)
|
-10.000*
|
||
3.
|
Вкупно
домаќинства на кои им е потребен ресивер за гледање ТВ
|
199.237*
|
*Проценка
[Ве молиме споделете го написот на социјалните мрежи на кои сте активни и помогнете го критичкото и слободното новинарство. АНФАС на Фејсбук можете да го следите овде.]
[Написите од АНФАС не смеат да се преземаат до 24 часа по објавувањето, a по овој рок тоа се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. Доколку написот сакате да го преземете пред да изминат 24 часа, обратете се на anfaspogledpravo@gmail.com за да добиете дозвола преку и-мејл]



No comments:
Post a Comment